За

театарот

“Глада Худик Театар” – (Глада Худик во превод значи Весел Худик)

Наша задача е да го смениме начинот на размислување, гледање и однесување на целиот свет кон лицата со пречки во развојот.
“Глада Худик Театар” е активност која постои во рамките на општина Худиксвал во Шведска. Театарската група е составена од актери со пречки во развојот и актери со нормални пречки. Целта на активностите е сите да го работат тоа во што се најдобри како и да овозможи развој и активности од големо значение за лицата со пречки во развојот. Поставуваме барања и ствараме предуслови за успех. Театарот овозможува средби кои вообичаено не се случуваат, што резултира во елиминирање на стравот, а предрасудите преминуваат во разбирање и пријателство.
Театарот има постигнато огромен успех со претставата “Елвис”, долгометражниот филм “Колку брусници има во светот?”, рекламниот профил ИКА-Џери и современото толкување на “Волшебникот од Оз”.
За работата на театарот се снимени неколку документарни филмови кои се емитувани во најгледаните термини на шведските телевизиски канали а актерите и ансамблот на театарот станаа вистински идоли.

Најголема иницијатива за различности во Шведска

“Глада Худик Театар” е повеќе од обичен театар. Ние веруваме дека различностите придонесуваат за развој на општеството и дека средбите со нив се основа за интеграција. Оние општества кои ги поддржуваат различностите и сметаат на сите ресурси подеднакво се најпродуктивни.

Децата не се раѓаат со предрасуди

Напоредно со театарот работиме и со разни проекти. Еден од нив е проектот “Децата не се раѓаат со предрасуди” кој се обраќа на деца од 4-6 одделение. Пораката на проектот е дека интеграција не значи дека сите сме исти, туку дека треба да научиме да прифаќаме и почитуваме дека сите сме различни. Можеби не можеме да го смениме целиот свет, но можеме да направиме промени во твоето одделение.

Ние од “Глада Худик Театар” сме уверени дека една од алатките за постигнување на оваа цел се “средбите со луѓето од онаа страна на границата”. Затоа, сакаме децата на природен начин да се запознаат со различностите. На овие средби секој ќе научи нешто ново. Оние кои се осмелуваат да застанат и јавно да раскажат за својот хендикеп, како и оние кои се осмелуваат да ги согледаат и прифатат различностите, се развиваат и растат како личности. Ако ги урнеме предрасудите во една област, полесно ќе ги урнеме во некоја друга.

Овој проект не е манифестација против нешто туку за нешто. За општество во кое сите еднакво се вреднуваат и во кое еднакво се смета на способностите на сите. Целта на проектот е да инспирира и други да направат промени преку добри примери и идеи.

Нашата визија е, во иднина, да одиме чекор понатаму и да го лансираме концептот во странство. “Во Шведска постигнавме многу со нашата работа со овие прашања, но се уште не сме впловиле во пристаништето. Сепак, одлучивме да го прошириме концептот и да го споделиме нашето искуство со други земји” – вели Пер Јохансон, основач на “Глада Худик Театар”.

Din varukorg